Форум за енергија за одржлив развој: Финансирањето на енергетската ефикасност и обновливите извори бара јасни правила, дигитализација и доверба на инвеститорите
октомври 30, 2025

Фото: https://ifesd.mk/

Инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија ќе можат значително да се забрзаат само ако постојат предвидливи правила, дигитализирани и стандардизирани постапки, како и инструменти за намалување на ризиците што ќе го поттикнат приватниот капитал преку локалните банки. Ова се главните приоритети што ги постави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) на панелот „Financing Energy Efficiency and Renewable Energy“, во рамките на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој – IFESD-14, одржан под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Форумот, организиран во партнерство со УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации, има за цел од добрите идеи да создаде изводливи финансиски портфолија преку стандардна документација, агрегирање на помали иницијативи и предвидливи рокови за дозволи и приклучоци кон мрежата. Посебен акцент е ставен на мерење, известување и верификација на резултатите, како и на вклучување на меѓународните финансиски институции во создавање нови механизми за поддршка на приватниот сектор.

Министерката за енергетика Сања Божиновска истакна дека новите финансиски модели мора да се усогласат со реалните потреби на домаќинствата, малите и средни претпријатија и индустријата.

„Јасни критериуми, транспарентно следење на резултатите и стабилна, предвидлива регулатива се предуслов за доверба на инвеститорите. МЕРМС веќе работи на дигитализација на административните постапки, појаснување на процедурите за приклучок кон мрежата и проширување на пристапот до поволни кредити во соработка со меѓународните финансиски институции и локалните банки,“ рече Божиновска.

Таа додаде дека секое евро вложено денес во енергетска ефикасност е инвестиција во поздрава заедница, поконкурентни бизниси и посигурна иднина.

Постојаната координаторка на ОН во Македонија Рита Колумбија нагласи дека за да се остане на патот кон декарбонизација, потребни се конкретни модели што ќе го катализираат капиталот и ќе ги обединат напорите на јавниот и приватниот сектор.

„Потребни се партнерства, доверба и коинвестирање меѓу владите, финансиските институции, приватниот сектор и ОН за да го затвориме годишниот јаз од трилиони долари и да ја забрзаме праведната енергетска транзиција,“ изјави Колумбија.

Од страна на УНДП, постојаниот претставник Армен Григорјан истакна дека заедничката акција е клучна за обезбедување соодветни механизми и платформи за одржливи енергетски практики.

„Со програмата ‘Зелен финансиски инструмент’ овозможуваме пристапно финансирање за енергетски ефикасни и обновливи решенија, придонесувајќи за намалување на емисиите, почист воздух и поддршка на најпогодените семејства,“ рече Григорјан.

Дискусиите на форумот опфаќаат инструменти за намалување на ризиците за инвеститорите, комбинирање на јавни и приватни извори на финансирање, како и искуства од веќе успешни програми што донеле енергетски заштеди и пониски трошоци за корисниците.

Министерството најави дека ќе продолжи со унапредување на законската рамка и изработка на стандардизирани упатства и тендерски шаблони за општините и компаниите. Ќе се воведат и појасни процедури за мерење и верификација на резултати, како и нови инструменти за пристап до поволни кредити и поттикнување на приватни инвестиции.

Посебен дел од програмата беше посветен на Green Finance Facility (GFF) – заедничка програма на Владата, агенциите на ОН, ЕБОР и локалните банки, која обезбедува пристапни средства за малите бизниси и домаќинства.

Форумот оваа година бележи рекорден интерес: над 600 учесници од 70 земји учествуваат на 35 панели со повеќе од 150 експерти, кои дебатираат за енергетска безбедност, дигитализација, финансирање на чиста енергија и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат