14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој – Светот денес се менува со забрзано темпо
октомври 28, 2025

Во присуство на повеќе од 500 претставници од целиот свет, во Скопје беше отворен 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD – 14 / 14th International Forum on Energy for sustainable development), под наслов Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте Регионални економски комисии на Обединетите нации.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на отворањето на Форумот рече дека Во следните три дена, Северна Македонија ќе биде центарот на глобалниот енергетски дијалог. Ќе зборуваме за енергетската транзиција, за технологијата, за пазарите, но пред сè, за луѓето зад таа транзиција, за начинот на кој живееме, начинот на кој произведуваме енергија и соработуваме за да обезбедиме енергетска сигурност.“

Премиерот Мицкоски потсети на глобалната слика во која се наоѓаме Светот денес се менува со забрзано темпо. Она што порано значеше сигурно снабдување, денес подразбира флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори.“

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан истакна дека решенијата за одржлива енергија не се избор, туку неопходност. Сега мора да преминеме од ветувања кон реална имплементација. Одржливата енергија е во сржта на нашата заедничка иднина. Во целиот свет УНДП активно работи на унапредување на оваа агенда.“

Мора да изградиме отпорни енергетски системи кои ќе обезбедат сигурно, достапно и еколошки одржливо снабдување со енергија. Знаеме дека никој од нас не може да успее ако работи сам.“ рече Татјана Молчан, Генерална потсекретарка на Обединетите нации и извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа.

Во следните три дена, Форумот, на кој присуствуваат претставници од повеќе од 70 земји од светот, ќе опфати повеќе аспекти од енергетската транзиција, од поттикнување на развојот на е-мобилноста, до обезбедување праведна транзиција во која никој нема да биде изоставен.

Форумот е во организација на Министерство за енергетика рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, УНДП Северна Македонија и петте регионални комисии на Обединетите нации: Economic Commission for Africa, UNECE, Eclac, United Nations ESCAP и United Nations Economic and Social Commission for Western Asia – ESCWA.

Превземено од UNDP

Други содржини кои можеби ќе те интересираат