Новинарите во битката за почист воздух: Мултимедија, анализа и соработка – клуч за квалитетно известување
мај 30, 2025

 

Во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* беше одржана третата по ред обука за новинари посветена на оваa тема – проблемите со загадувањето на воздухот и можните решенија за почист воздух.

Научната димензија на овој настан ја даде д-р Афродита Зенделска, професор од Универзитетот „Гоце Делчев“, а предавачи беа новинарите Катерина Топалова и Александар Манасиев, кои со своето искуство, знаење и пристап ги инспирираа колегите да гледаат на аерозагадувањето не само како на бројка во извештај, туку како на комплексна човечка приказна. Сепак, главниот предизвик, според двајцата обучувачи, останува транспарентноста, достапот до информации и користењето на сите алатки кои им стојат на располагање на новинарите.

         

Катерина Топалова, новинарка од јавниот сервис, потенцира дека новинарите денес имаат силна алатка во рацете – мултимедијата, која може да ја доближи научната и стручна содржина до публиката на разбирлив и ангажирачки начин.

„Мултимедијалниот пристап е клучен во објаснување комплексни теми како загадувањето на воздухот, особено кога имаме на располагање податоци, бројки и научни анализи кои не се секогаш лесно разбирливи за пошироката јавност. Преку инфографици, кратки видеа, анимации, интерактивни мапи и поткасти, можеме визуелно и наративно да го доближиме проблемот до граѓаните и да предизвикаме емпатија, интерес или дури и акција,“ вели Топалова.

И Александар Манасиев, долгогодишен истражувачки новинар, се согласи дека визуелниот елемент е пресуден во доближување на ваквите теми:

„Еден графикон или видео што го прикажува шетањето на детето низ загадена улица кажува повеќе од илјада зборови. Новинарите треба да ги користат сите ресурси – од слики, графики до поткасти и видеоинтервјуа“, вели Манасиев.

И двајцата обучувачи се согласни дека овој пристап, мултимедијалноста во прикажувањето на приказните недоволно се искористува од новинарите во редакциите. Ваквите обуки се начин да се поттикнат новинарите да известуваат на начин на кој ќе има поголем импакт кај јавноста.

Предизвикот да се дојде до информација без да се трпи притисок

Кога станува збор за предизвиците, Топалова е искрена – известувањето за животната средина често се соочува со ѕидови.
„Животната средина е чувствителна, но често и потценета тема. Предизвиците се повеќеслојни: недостапност или неажурни податоци, недостаток на експерти и релевантни соговорници, институционална нетранспарентност, недоволно време за истражување и честопати политички и економски притисоци, особено кога се вклучени моќни индустриски субјекти.“

Но, таа нуди и насоки за решенија: „Најтешко доаѓам до официјални документи и податоци за квалитетот на воздухот во рурални области и до независни стручни мислења. Решението го гледам во мрежно поврзување на новинарите, меѓународни партнерства, како и во обуки за податочно новинарство и еколошка писменост.“

Манасиев, пак, смета дека новинарите треба да ги користат сите алатки кои им стојат на располагање за да дојдат до релевантни податоци. „Она што најчесто недостасува во известувањето е аналитичкиот пристап и способноста да се прочитаат и интерпретираат податоците, како и користењето на релевантни извори и институционални механизми, како што е правото на пристап до информации од јавен карактер“, вели Манасиев.

Како дел од јавниот сервис, Топалова зборува и за капацитетите и потенцијалот што го имаат медиумите во сопственост на државата: 

„Јавниот сервис има огромна одговорност и можност – да едуцира, информира и алармира за прашања што директно влијаат на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните. Темите поврзани со животната средина не смеат да бидат маргинализирани или сведени на извештаи од по неколку минути. Капацитетите сè уште не се доволни. Имаме одлични професионалци, но недостасуваат тематски редакции, долгогодишна стратегија и техничка поддршка. Сепак, во последните години има позитивен исчекор“, смета Топалова.

Обуките меѓу колеги како начин сите заеднички да дишеме подобар воздух

Двајцата новинари и обучувачи се едногласни дека ваквите обуки носат предизвик, да се едуцираат колеги новинари, да се споделат искуства, но во исто време ова е еден од начините сите да делуваме заеднички кон подобра цел – почист воздух.

„Најпредизвикувачки е да се работи со новинари, тие работилници секогаш повеќе наликуваат на размена на искуство отколку на некакво предавање и учење. Учиме едни од други, бесценет е таквиот пристап. Секој од нас верува дека работи на базичната тема и бара начин како да ја „продаде“ пред уредникот, а потоа и на публиката. Но оваа работилница се разликуваше по многу нешта, најмногу по практичниот дел во лабораторијата Амбикон“, вели Топалова.

„Посетата на „Амбикон“ беше навистина вредна за сите учесници на работилницата и всушност тоа беше шлагот на тортата. За нас новинарите податоците некогаш се „сува статистика“, а сега можевме да видиме што всушност стои зад тие бројки. Учесниците имаа можност од прва рака да видат како функционираат уредите за мерење на квалитетот на воздухот, да видат како изгледаат филтрите, како се собираат примероците, да видат како се врши лабораториска анализа, всушност целиот макотрпен процес за да се дојде до податок. Ова искуство сметам дека е важно за новинарите да можат не само да ги толкуваат, туку и критички да ги анализираат податоците“, додава Манасиев.

Обуката во Штип покажа дека кога ќе се спојат мотивирани новинари, експерти и научни податоци се доаѓа до нови перспективи. Ако сакаме почист воздух, потребни се и поангажирани медиуми. А за тоа, новинарите мора да бидат информирани, едуцирани и поддржани.

Научната перспектива на новинарите им ја претстави научник од пракса

Дополнителна димензија на оваа обука ѝ даде и учеството на проф. д-р Афродита Зенделска од Универзитетот „Гоце Делчев“, која како експерт и тренер во обуката, ја отвори научната перспектива во разбирањето на податоците за квалитетот на воздухот. Таа е професорка на Факултетот за природни и технички науки и со своите излагања го приближи лабораторискиот пристап до новинарите.

„Новинарите треба да ги разбираат клучните термини за да можат точно да ги интерпретираат и пренесат податоците до јавноста, бидејќи тие се едни од клучните чинители во процесот на подигање на јавната свест, како и при создавање на притисок врз носителите на одлуки за преземање конкретни мерки, а воедно и да се избегне ширење на дезинформации или паника,“ истакна проф. Зенделска.

Посебно внимание привлече практичниот дел од обуката – презентацијата на резултати од лабораториска анализа на воздухот. Според проф. Зенделска, „обуките на новинари што беа спроведени во рамки на проектот ‘Справување со загадување на воздухот’ им овозможија не само образложување на основните поими поврзани со загадување на воздухот, туку и достапност до податоците што произлегоа од целокупното истражување. Увидот во овие резултати им овозможува на новинарите да имаат посериозен пристап при пишување на текстови поврзани со квалитетот на воздухот.“

Кога станува збор за анализирање на податоци, Зенделска апелира на внимателност и одговорност: „За да се избегне непотребно ширење на паника кај населението, новинарите мора да внимаваат кога известуваат за критични теми. На пример, вест само со бројки е недоволно јасна за луѓето, па најдобро е секогаш овие информации да бидат добро објаснети. Исто така, потребно е секогаш да користат проверени извори.“

* Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат