
Учеството на лабораторијата АМБИКОН и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип проф. д-р Дејан Мираковски, ја истакнува важноста на науката во креирањето политики за животна средина.
Во рамките на годинашниот Ден на проширувањето (Enlargement Day), Европскиот комитет на региони (CoR) организираше јавна седница на Заедничкиот консултативен комитет CoR – Северна Македонија, посветена на продлабочување на соработката меѓу ЕУ и земјите кандидати преку регионалните и локалните власти. Настанот се одржа на 28 мај, во просториите на Европската комисија во Брисел.
Седницата беше дел од десеттото издание на „Enlargement Day“, на кое се дискутираа конкретни предизвици и приоритети во контекст на пристапувањето кон ЕУ – меѓу кои и заштита на животната средина и борба против загадувањето на воздухот.
Македонската наука на европска сцена
Во овој контекст, посебно внимание беше посветено на резултатите од мерењата на квалитетот на воздух, спроведени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, под научно раководство на проф. д-р Дејан Мираковски.
Лабораторијата изработи серија студии за пропорционирање на загадувањето на воздухот – метод кој овозможува идентификација на главните извори на загадување во урбаните средини.
Овие студии беа презентирани во соработка со д-р Claudio Belis од Центарот за чист воздух и клима при Заедничкиот истражувачки центар (JRC) на Европската комисија – автор на официјалниот Европски водич за пропорционирање со рецепторски модели (EU, 2019).
Од Скопје до Брисел – регионална видливост со реално влијание
Претставувањето на резултатите на висок европски форум како што е „Enlargement Day“ претставува голем чекор за научната заедница од Северна Македонија. Во 2024 година, лабораторијата АМБИКОН учествуваше и на јавниот настан „Квалитет на воздухот во градовите од Западен Балкан“, што се одржа во Скопје на 30 септември 2024, како дел од министерска средба за животна средина под покровителство на JRC.
На двата настани, тимот на АМБИКОН успеа да ја истакне важноста на научнозаснованите податоци и анализа за креирање ефективни политики за воздухот.
Од науката до институциите
Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* е повеќе од истражување – тој претставува мост меѓу науката и носењето одлуки. Со поддршка од Европската комисија и водечки европски институции, македонските научници го ставаат на маса она што е клучно: точни податоци, локални анализи и регионални решенија за глобален проблем.
Благодарение на посветениот и вреден научен тим, како и на поддршката од УНДП и Шведска понудена во рамки на проектот, лабораторијата АМБИКОН особено во последните години се издигна во познат и признат регионален центар за истражување и делување против загадувањето на воздухот.
Почист воздух е можна цел
Признанието што македонската наука го добива на европско ниво е јасен сигнал дека решенијата се веќе тука – потребна е само поддршка од институциите и волја за нивна имплементација.
Како што се приближува моментот на приклучување кон ЕУ, вака значајни проекти се најдобар доказ дека Северна Македонија не е само пасивен примател на европски политики – туку активен партнер кој има што да понуди.
* Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.