Во современиот свет, квалитетот на воздухот не е само прашање на здравје или квалитетна животна средина, туку сѐ повеќе се препознава и како клучен фактор што ја детерминира нашата концентрација, креативност и продуктивност – како во индустриски, така и во канцелариски работни средини.
Квалитетот на внатрешниот воздух во кој секојдневно работиме и престојуваме е клучен фактор за создавање здрава средина за престој и е директно поврзан со здравјето и благосостојбата на работниците.
Разбирањето и контролирањето на воздухот што го дишеме додека сме на работа може да ни помогне да го намалиме ризикот од здравствени проблеми и да ја зголемиме продуктивноста, бидејќи честопати концентрацијата на загадувачите може да биде неколку пати повисока во затворен простор отколку на отворено. Всушност, истражувањата покажуваат дека загадувачите на воздухот во затворен простор се присутни во повеќето згради на 2-5 пати повисоки нивоа од нивоата што се наоѓаат на отворено и можат да предизвикаат различни здравствени проблеми, вклучувајќи: главоболки, замор, болки во грлото, вртоглавица и сл. (https://www.verkada.com/blog/guide-workplace-office-indoor-air-quality/ )

Слика 1: Параметри кои влијаат на човечката продуктивност
(https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S2772416623000852)
Токму затоа, последниве години расте бројот на истражувања и достапна литература за влијанието на загадувањето на воздухот врз човечкиот капитал, вклучувајќи го физичкото здравје (Chen et al. 2013; Ebenstein et al. 2015), менталното здравје (Zhang et al. 2017a; Chen et al. 2018) и когнитивните перформанси.
Повеќето проблеми со квалитетот на воздухот во затворен простор се предизвикани од недостаток на вентилација и свеж воздух, што овозможува загадувачите да се акумулираат и да достигнат значително високи нивоа. Вообичаени извори на загадување на воздухот во затворен простор вклучуваат: јаглерод диоксид (CO2), азот диоксид (NO2), јаглерод моноксид (CO) и други производи од согорување, испарливи органски соединенија (VOC), биолошки загадувачи, суспендирани честички (PM2.5) и сл.
Во неодамна објавена статија со наслов „Associations of Cognitive Function Scores with Carbon Dioxide, Ventilation, and Volatile Organic Compound Exposures in Office Workers: A Controlled Exposure Study of Green and Conventional Office Environments“, истражувачите од Харвард Универзитет, SUNY-Upstate Medical University и Syracuse University открија дека работниците во добро проветрени згради со ниски концентрации на загадувачи покажаа подобра когнитивна функција од работниците што работат во конвенционално изградени канцеларии. (https://cppwind.com/air-quality-is-key-contributor-to-employee-productivity/ )

Слика 2: Извори на загадување во внатрешни простории
(https://cppwind.com/air-quality-is-key-contributor-to-employee-productivity/)
Од друга страна, намалената продуктивност значи поголеми трошоци: повеќе отсуства, слаба ефикасност и повеќе грешки. За нас како општество, тоа значи намален економски раст, губење на човечки капитал и зголемени трошоци за здравство.
Како да ја подобриме состојбата?
Чистиот воздух не е луксуз, туку основен предуслов за здрава и продуктивна работна средина. Варијабилноста на загадувачите зависи и од нашите навики, бројот на луѓе во една просторија и начинот на одржување на просторијата. Како современо општество кое голем дел од своето време го минува во затворен простор, треба да придонесуваме за подобрување на квалитетот на воздухот преку: редовно проветрување и овозможување циркулација на свеж воздух, одржување на редовна хигиена и чистење на просториите и системите за вентилација, избирање на материјали и мебел со низок емисионен потенцијал на VOCs, користење на еколошки одржливи средства за чистење и користење на висококвалитетни пречистувачи.