Од отпад до почист воздух и здрава почва: Биоекономски решенија во срцето на Струмица
август 17, 2025

Во Струмица, каде што земјоделството е длабоко вкоренето во секојдневието и традицијата, се случува тивка зелена револуција. Со поддршка од европскиот проект SCALE-UP*, Струмица е еден од шесте пилот-региони каде што се тестираат иновативни биоекономски решенија со цел да се поттикне одржливо земјоделство и подобра животна средина. Овие решенија не само што ја штитат природата, туку и директно придонесуваат за почист воздух, здрава почва и одржлив локален развој.

Едно од најзначајните решенија е употребата на мулчарка – специјална машина која овозможува органските остатоци од земјоделското производство (стебла, листови, корења) да се реискористат наместо да се палат.

Фото: Тип на мулчарка закачена на трактор https://www.lectura-specs.com

Што претставува мулчарката?

Тоа е механизација што ги претвора земјоделските остатоци (стебла, листови, корења) во органска материја што се враќа назад во почвата, наместо да се пали. Овој процес се нарекува мулчирање и носи две клучни придобивки:
1. Спречува палење на биомаса/отпад, што е еден од главните извори на ПМ10 и ПМ2.5 честички во воздухот;
2. Го зголемува квалитетот на почвата, ја збогатува со хумус и природна органска материја.

Зад оваа иницијатива стои Томе Тимов, професор во средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица. Заедно со своите ученици, тој активно работи на едукација и практична примена на одржливи земјоделски практики. Со поддршка од SCALE-UP проектот, Тимов ја интегрира технологијата на мулчирање и во наставата и на терен, ангажирајќи ја младата генерација во решавање на реални еколошки предизвици.

Овој пристап покажува како една локална иницијатива може да донесе системски промени – од почист воздух и здрава почва до биоекономија која одржливо ги користи природните ресурси.

Што значи ова за воздухот во Струмица?

Палењето на земјоделски отпад е сериозен извор на загадување со ПМ честички – токму оние што, според Нацрт-планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Струмица (2025–2029), претставуваат најголема закана за јавното здравје. Планот јасно идентификува дека растителниот отпад од земјоделските површини е критичен фактор, па затоа нуди и конкретни мерки за собирање на растителен отпад од обработливото земјиште. Со примена на мулчарката:
• Се намалува загадувањето на воздухот со ПМ честички и CO₂;
• Се подобрува квалитетот на почвата преку зголемено количество на органска материја;
• Се зајакнува биоекономијата со повторна употреба на отпадни ресурси.

Усогласеност со Планот за подобрување на квалитетот на воздух во Струмица (2025–2029)

Според новиот Предлог-план за подобрување на квалитетот на воздухот, подготвен во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“** главни загадувачи во Струмица се согорувањето на биомаса, сообраќајот и согорувањето на нафта и мазут.

Релативен годишен придонес на изворите на честичките PM2,5
Извор: Студија за пропорционирање на загадувачите во Струмица

Горењето отпад и палењето оган на отворено се присутни речиси цела година, со најголема застапеност во пролет и рано лето кога месечното учество достигнува до 20,9 %, како и во доцна есен и зима кога честопати надминува и 21 %.

Мулчарката го адресира палењето на растителен отпад, извор на загадување во Струмица, и директно ја поддржува мерката од Планот за организирано управување со тој отпад, нудејќи практично и одржливо решение за еден од клучните еколошки предизвици.

Широк ефект и поддршка

Примената на мулчарка не е изолирана акција во Струмица. Таа:
• Го поддржува Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП);
• Ја следи стратегијата за подобрување на квалитетот на воздухот;
• Ја зајакнува локалната биоекономија преку циркуларни и иновативни практики;
• Ја вклучува заедницата – особено младите, земјоделците и институциите.
Со поддршка од меѓународната заедница, Струмица е пример за тоа како се менува начинот на работа, се подобрува квалитетот на воздухот и се гради поодржлива иднина.

 

* Проектот SCALE-UP е финансиран од Програмата за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ на Европската Унија според договорот за грант бр. 101060264
и се спроведува во шест региони: Северна Шведска, Мазовија во Полска, Арк Атлантик во Франција, Струмица во Северна Македонија, Горна Австрија и Андалузија во Шпанија. Главна цел на SCALE-UP е да поддржи регионални партнерства со повеќе актери, приватни бизниси, општини и креатори на политики, организации на граѓанското општество и истражувачи во идентификување и проширување на иновативните и одржливи синџири на биоекономија кои ги користат регионалните ресурси.

** Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат