До чист воздух со правилно управување со отпадот
април 23, 2026

Климатските промени во Република Северна Македонија веќе не се апстрактен глобален предизвик, туку сурова реалност со директни последици врз животната средина и јавното здравје. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во 2024 година вкупното количество на создаден комунален отпад во земјата изнесувало 790 866 тони, односно 438 килограми по жител. Она што најмногу загрижува е фактот дека речиси целиот собран отпад (99,8 %) се исфрла и завршува на депониите (Државен завод за статистика, РСМ). Проблемот не е само количината, туку начинот на управување со отпадот. Голем дел од депониите во земјата се нестандардни и не ги исполнуваат условите пропишани од Министерството за животна средина и просторно планирање.
На територијата на државата постојат повеќе активни нестандардни општински депонии и над 2000 диви депонии кои функционираат без потребните дозволи и еколошки стандарди. Во Источниот Регион се наоѓа нестандардизираната депонија „Трештена скала“ во Општина Штип. Ова е локацијата, каде одлагањето на отпадот се врши од страна на Јавното комунално претпријатие „Исар“.

Депонија „Трештена скала“

Во летните месеци, особено во релативно топлите градови како Штип, високите температури го зголемуваат ризикот од пожари. При распаѓање на органскиот отпад се создава метан (CH₄), кој е запалив гас. Ова доведува до самозапалување и емисија на штетни материи, односно кога депониите горат, се ослободуваат ПМ10 и ПМ2.5, како и испарливи органски соединенија (VOCs), што имаат сериозни последици врз здравјето (World Health Organization – Air Quality Guidelines). Овие проблеми се препознаени и на европско ниво преку Директивата за отпад (Waste Framework Directive 2008/98/EC), која поставува основи за одржливо управување со отпад и намалување на неговото влијание врз животната средина.
Голем дел од депониите во државата, вклучувајќи ја и депонијата во Штип, не ги исполнуваат основните еколошки стандарди пропишани од Министерството за животна средина и просторно планирање. Тие немаат изолациски слоеви, систем за исцедок и контрола на депониски гас. Ова значи дека отпадот директно влијае врз почвата, водата и воздухот. Според европските анализи, депониите се значаен извор на метан (CH₄) – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени и загадувањето на воздухот. И научните анализи покажуваат дека ваквите пожари генерираат и значајни емисии на PM10, CO₂ и други токсични гасови (https://www.sciencedirect.com/science/article/abs/pii/S0956053X2100115X ).

Дали постои решение?

Како решение, потребно е воведување на регионални системи за управување со отпад, подобрување на инфраструктурата и зголемување на селектирање и рециклирање. Исто така, едукацијата и јавната свест се клучни за одржливо управување со отпад. Тие директно влијаат врз однесувањето на граѓаните и нивната подготвеност за селекција и намалување на отпадот. Без информирано општество, дури и најдобрите системи и политики остануваат неефикасни. Само преку знаење и свесност може да се постигне вистинска и долгорочна промена.
Покрај тоа, неопходен е континуиран мониторинг на воздухот, со цел навремено информирање и заштита на населението. Многу европски градови треба да бидат силен предизвик дека и нашата држава може да се справи со управувањето со отпадот. Успешните примери од Европа, како Шведска, покажуваат дека преку силна едукација и јавна свест, комбинирани со развиени системи за рециклирање и искористување на отпадот за енергија, можно е речиси целосно да се елиминира депонирањето како практика.

Да направиме позитивна промена

Чистиот воздух не е привилегија, туку основно право – но неговата заштита е заедничка одговорност. Проблемот со отпадот и загадувањето не е само прашање на системи, туку и на свесност, одговорност и секојдневни навики. Промената не доаѓа сама по себе туку започнува со информираност, едукација и желба да бидеме подобри.

Автор на блогот: Тони Панов

Година на студии: 3 година на додипломски студии

Студиска програма: Инженерство за заштита на животната средина

Факултет: Факултет за природни и технички науки

Универзитет: Универзитет „Гоце Делчев“ Штип.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат