Климатските промени во Македонија веќе не се апстрактен глобален предизвик, туку реалност со директни последици врз здравјето, економијата и природните ресурси. Ова беше клучната порака од настанот „Климатски промени – ризици и предизвици“, кој се одржа во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
На настанот учествуваа универзитетски професори, експерти, претставници на државни институции и граѓанскиот сектор, кои дискутираа во рамки на три тематски сесии: институционалната рамка и законската регулатива, климатските ризици и мерките за адаптација, како и интегрираното управување со водите и земјоделството. Во воведните обраќања се обратија претседателката Сиљановска-Давкова, националната координаторка за климатски промени Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска и проф. д-р Владо Спиридонов, кои ја нагласија потребата од координиран и системски пристап кон климатските предизвици.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, во своето обраќање посочи дека врската меѓу климатските промени и аерозагадувањето сè уште не е доволно истражена, иако директно влијае врз здравјето на граѓаните. Според него, постои и сериозен проблем со недостиг на квалитетни и достапни податоци.

„Често се мисли дека со намалување на греењето автоматски ќе се намали и загадувањето, но анализите покажуваат дека летниот период носи свои специфични ризици – високи температури, суши и зголемена брзина на ветерот“, истакна Мираковски.
Тој додаде дека и покрај намалувањето на ПМ10 честичките во зима за околу 50 проценти во последната деценија, летото останува „слепа точка“ во борбата против загадувањето.
Проф. д-р Владо Спиридонов нагласи дека светот веќе влегол во антропоцен – епоха во која човекот е доминантен фактор во климатскиот систем.

„Глобалната температура е зголемена за околу 1,5 степени, а концентрацијата на јаглерод диоксид за околу 50 проценти. Клучниот проблем е брзината на овие промени, која создава нестабилност во климатскиот систем“, истакна Спиридонов.
Тој предупреди дека ваквата динамика резултира со сè почести екстремни временски појави – суши, поплави, топлотни бранови и бури, и ја потенцираше потребата од интегриран систем за рано предупредување.

Проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ – Скопје укажа дека иако постојат современи технологии за следење и предвидување, нивната примена во Македонија е ограничена поради недоволна институционална поддршка.
Неговите анализи покажуваат дека во државата критичниот праг од 1,5 °C пораст на просечната температурата, со особено изразени промени (повисоки температури) во урбаните средини.
Дополнително, деканот на Факултетот за шумарски науки, проф. д-р Никола Николов, алармираше дека во периодот од 1999 до 2024 година изгореле околу 270 илјади хектари шуми, со вкупна штета од околу 270 милиони евра. Иако најголем дел од пожарите се предизвикани од човекот, климатските промени создаваат поволни услови пожарите да се шират на поголема површина. Со тоа, шумите наместо да ги намалуваат емисиите на стакленички гасови (преку апсорпција на јаглерод диоксид) стануваат емитери на овој гас.
Општата оценка од стручната јавност е дека Македонија располага со знаење и експертиза, но дека недостига координирана институционална акција, стабилно финансирање и спроведување на постоечките стратешки документи.
Целта на настанот е од дискусијата да произлезат конкретни препораки и мерки за превентивно дејствување и адаптација на климатските промени – процес кој, според експертите, повеќе не трпи одложување.