Количината на искористен текстил кој се извезува од Европската Унија се зголемил за три пати во последниве две децении и предизвикува сѐ поголем проблем како отпад, стои во извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објавен неодамна.
Поради тоа што ЕУ има ограничени капацитети за рециклирање, најголем дел од искористената или донираната облека се извезува во Африка и Азија, се додава во извештајот.
„Вообичаената перцепција во јавноста е дека донациите на половна гардероба секогаш се корисни во овие региони, но тоа не ја одразува реалноста“, велат експертите во извештајот.
Во 2000 година биле извезени 550.000 тони текстил, додека во 2019 година оваа бројка пораснала на 1,7 милиони тони.
„Текстилот првенствено оди за повторна употреба бидејќи постои побарувачка за евтина и половна облека од Европа. Она што не е прикладно за повторно користење главно завршува на отворени депонии“, стои во извештајот.
„Поради обврската за посебно собирање отпад од текстил во сите ЕУ држави до 2025 година, количините на искористен текстил кој се собира може дополнително да се зголемат“, се додава.
Во 2019 година 46% од половната облека завршила во африкански држави. Истата година, 41% од искористениот текстил пристигнал во Азија, каде е сортиран и обработен. Најголемиот дел е користен како ткаенина или материјал за полнење во индустријата или бил испратен во други азиски држави на рециклирање или во Африка за повторна употреба.