Пожарите што ова лето ја зафатија нашата држава предизвикаа огромни проблеми за населението во смисла на уништена шума и имот, но во исто време предизвикаа одредено загадување и на воздухот. Пожари има низ целиот Балкан, и низ Европа. Ова влијае на квалитетот на воздухот, а дел од оние кои учествуваа во гаснењето на пожарите видовме дека носат заштитни маски, исти како они за заштита од Ковид 19.
Чадот кој го испуштаат огновите носи одредени здравствени ризици. Оние кои директно се изложени на чадот можат да пројават лесна иритација на очите и грлото, но подолго изложување на подолг рок може да предизвика сериозни респираторни проблеми. Научниците велат дека подолга изложеност на една заедница на чад од шумски пожар може да предизвика Астма, ХОБС, да ја влоши состојбата на Пневмонија или акутен Бронхитис. Истражувања кои се објавени неодамна од страна на Центарот за контрола на болести во САД укажуваат на тоа дека оние кои минатата година биле изложени на чад од пожар годинава имаат поголеми проблеми при Ковид 19 инфекциите.
Истражувањата покажуваат дека заштитните маски можат да помогнат во превенција од штетното влијание на чадот од пожар слично како што може да не заштити од Ковид 19.
Бидејќи најголем дел од штетните честички се П.М. 2.5 поголем дел од маските нема да помогнат многу, но маските со сертификат Н95 или КН95 нудат значителна заштита. Една од подобрите заштити од штетноста на чадот е помалата изложеност. Центарот за контрола на болести има објавено на својот вебсајт неколку препораки за заштита на сопственото здравје во време на пожари.
- Најдобриот начин да се заштитите од загадениот воздух за време на пожарите е да се изложувате што е можно помалку на загадениот воздух.
- Ограничете го вашето движење на отворено, а особено вашите спортски активности надвор.
- Користете прочистувач на воздух во вашите домови или затворени простории.
- Секогаш гледајте ја временската прогноза во текот на летниот период
- Ако користите централно ладење во вашиот дом или на затворено размислете да инсталирате ХЕПА или МЕРВ – 13 филтри.
- Избегнувајте користење на уреди и активности кои ќе го зголемат загадувањето на воздухот дома, па ќе бидете приморани да проветрувате ( на пример. Пржење храна, метење, користење правосмукалка или уреди на плин)
Според последните податоци на мерните станици низ државата воздухот во Северна Македонија е во границите на дозволеното. Со оглед на тоа дека пожарите во најголем дел се локализирани сега не се забележува поголемо загадување. Загадување на воздухот сепак се гледа на места на Балканот и во Европа каде се уште има активни силни пожари.
Извори:
- https://www.cdc.gov/disasters/covid-19/wildfire_smoke_covid-19.html
- https://www.nytimes.com/article/covid-mask-smoke-fire-protection.html
- https://air.moepp.gov.mk/