Кавадарци, Струмица и Гостивар со акцент на урбани паркови и зелени површини
мај 25, 2025

Новиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) Конечен извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Урбанистичкото планирање на зелената инфраструктура во градовите“, укажува на важноста на зелената инфраструктура да испорача широк спектар на екосистемски услуги како прочистување на водата, квалитетот на воздухот, простори за рекреација и прилагодување на климатските промени.

Спротивно на сите овие позитивни влијанија, резултатите од ревизијата укажуваат дека повеќе од половина од општините опфатени со ревизијата немаат издвоено средства за подигнување на нови зелени површини во периодот од 2020 до 2024 година ниту пак го исполнуваат пропишаниот оптимален стандард зеленило по глава на жител. Според усвоениот стандард на Република Северна Македонија, стандардот на зеленило зависи од бројот на жители и треба да изнесува:
• 12 – 14 % за мали градови (3000 – 25 000 жители),
• 14 – 20 % за средно големи градови (25 000 – 100 000 жители) и
• 20 – 25 % за големи градови (повеќе од 100 000 жители).

Извор: Државен завод за ревизија

Во Република Северна Македонија од 34 општини со седиште во град само 3 општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид) имаат воспоставено Зелен катастар во форма на ГИС портал. Општина Кавадарци во 2020 година има направено попис на зелените површини и нивно вметнување во ГИС порталот на кој покрај зелените површини се и урбанистичките планови.
Од петте општини опфатени со проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* Кавадарци, Струмица и Гостивар се издвојуваат како општини кои преземаат конкретни чекори за зголемување на зелените површини и според резултатите на ревизијата на ДЗР и според мерките избрани од граѓаните токму во овие три општини:
🔹 Во Кавадарци, како мерка беше избран нов урбан парк.
🔹 Гостивар се определи за збогатување на зеленилото во централното градско подрачје, околу кејот на реката Вардар.
🔹 Струмица ќе работи на создавање нова зелена површина.

Иако овие активности се позитивни чекори, ревизијата посочува дека недостига редовно планирање, подигање и одржување на зелените површини во сите анализирани општини, како и конкретни индикатори за влијанието на преземените мерки.

Извор: Државен завод за ревизија

„Отсуството на стратешки документи за развој на зеленилото во 32 општини (од 34 опфатени со ревизијата), укажува на немање долгорочна визија, стратешки цели и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво, а со невоспоставување на Зелениот катастар, 29 општини не обезбедиле предуслови за правилно планирање и одржување на зелените површини. Непочитувањето на законската обврска на 18 општини за донесување годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, влијае на утврдувањето на конкретни цели и динамика за реализација на активностите во насока на зголемување на процентот на озеленетост.“
Во ревизијата се наведува дека повеќето општини немаат доволно податоци за состојбата со урбаното зеленило, ниту пак имаат развиени механизми за негово одржување и проширување. Дополнително, односот помеѓу изградените и зелените површини не е доволно регулиран, што создава ризик од прекумерна урбанизација на сметка на квалитетот на животната средина.
Целосниот извештај на ДЗР е достапен овде: Извештај на ДЗР – Локални политики за заштита на животната средина

* Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат