На неодамнешна седница пред Комисијата за здравство во Собранието на Република Северна Македонија, проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип и раководител на лабораторијата Амбикон, заедно со Александра Димова Манчевска, проектна менаџерка во УНДП, презентираа клучни наоди и иницијативи насочени кон справување со загадувањето на воздухот во државата. Нивните придонеси се дел од поширок проект имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и локалните општини, со фокус на подобрување на квалитетот на воздухот во неколку градови во Северна Македонија. Проектот е финансиски поддржан од Шведска.
Лабораторијата Амбикон ‒ пионер во истражувањето на квалитетот на воздухот
Проф. Дејан Мираковски ја истакна работата на лабораторијата Амбикон при УГД. Во партнерство со УНДП и финансиска поддршка од Шведска, лабораторијата во последните неколку години учествуваше во повеќе студии за анализа на изворите на загадување во Скопје, Струмица, Струга, Кавадарци, Гостивар и Куманово.
Овие студии за идентификување и проценка на изворите, кои се меѓу првите обиди за идентификување на загадувачите со општоприфатени, робусни и научни методи, се базираат на препораките на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија во Испра, Милано и Американската агенција за заштита на животната средина. Клучните наоди покажуваат дека концентрациите на PM2.5 во сите анализирани градови покажуваат екстремни сезонски и дневни варијации, надминувајќи ги националните и европските гранични вредности. На пример, во Кавадарци надминувањето е повеќе од двојно, во Струмица и Ново Лисиче (Скопје) речиси двојно, во Куманово и Карпош за околу 50 %, а во Гостивар и Струга за околу 20 %, истакна професорот Мираковски.
Иако екстремните концентрации се поврзани со грејната сезона, надминувања се забележани и во други периоди од годината, што го зголемува годишниот просек и го загрозува здравјето на граѓаните. Во зимскиот период се забележуваат два карактеристични дневни врвови на концентрации – утрински и вечерен, што е резултат на комбинираното влијание на метеоролошките фактори и интензитетот на изворите на загадување. Анализите покажуваат дека високите концентрации во зима се поврзани со стабилна атмосфера или слаб ветер (под 1 m/s), што укажува на локално загадување од блиски извори.
Според истражувањата, доминантни извори на загадување идентификувани во студиите вклучуваат согорување на биомаса, горење на отворено (земјоделски и градинарски отпад, но и друг вид отпад), сообраќај, минерална прашина од различни извори и индустрија. Процентуалното учество на овие извори варира по градови:
- Струмица: согорувањето на биомаса е главен извор, проследено со сообраќајот и согорувањето на нафта и мазут
- Куманово: согорувањето на биомаса доминира, потоа следат сообраќајот и согорувањето на нафта и мазут
- Кавадарци: сообраќајот е најголем загадувач, проследен од минерална прашина и биомаса
- Гостивар: минералната прашина е главен извор, проследена од согорување на биомаса во грејната сезона и сообраќајот
- Струга: сообраќајот е на прво место, потоа следи согорувањето на мазут и нафта, а биомасата е на трето место.
УНДП: Холистички пристап кон подобрување на квалитетот на воздухот
Александра Димова Манчевска, во своето обраќање, го нагласи интензивниот ангажман на УНДП во последните пет години за справување со загадувањето на воздухот, третирајќи го како комплексен проблем со директни последици врз здравјето на луѓето. Според релевантни извори, загадениот воздух е поврзан со илјадници предвремени смртни случаи годишно. Во 2019 година, УНДП, со финансиска поддршка од Шведска и во партнерство со МЖСПП, започна активности за унапредување на квалитетот на воздухот, првично фокусирајќи се на Скопје, а подоцна проширувајќи ги во Куманово, Кавадарци, Струмица, Струга и Гостивар.
Иницијативата на УНДП опфаќа неколку аспекти. Прво, преку истражувања во соработка со УГД, беа детектирани клучните извори на загадување во овие шест града, користејќи методологии од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со финансиска поддршка од Шведска беше набавена софистицирана опрема, што овозможи брзи и прецизни резултати. По идентификувањето на изворите, УНДП организираше форуми на заедниците во секој град, каде граѓаните, преку информирана дискусија, предложија мерки и приоритети за справување со загадувањето.
Приоритетите се разликуваат по градови:
- Во Струга граѓаните го нагласија набавувањето на механизација за чистење на улиците (цистерни и метларки) за да се спречи ресуспензија на ситните честички
- Во Гостивар, Кавадарци и Струмица фокусот е на создавање нови паркови, придружени со пешачка или велосипедска инфраструктура
- Во Куманово приоритет е зголемување на енергетската ефикасност на две училишта преку поставување фасади, замена на прозорци и изолација на покриви, со потенцијал за дополнителни мерки.
Секоја општина ќе кофинансира минимум 10 милиони денари за спроведување на овие мерки. Дополнително, со поддршка од Шведска, УНДП обезбеди ИТ опрема, заштитни одела и индикативни уреди за мерење на бучава за инспекторите за животна средина, како и обуки за зајакнување на капацитетите на општинските вработени. Овие активности вклучуваа и соработка со колеги од Словенија, Шведска и други земји за размена на искуства.
УНДП, исто така, работи на унапредување на плановите за квалитет на воздухот, интегрирајќи ги податоците од анализите за изворите на загадување и фокусирајќи се на поддршка за ранливите групи преку субвенции и нови индикатори. Поддршката се протега и на новинарите преку обуки за интерпретација на анализи, истражувачко новинарство и годишни награди за стории поврзани со загадувањето на воздухот, со цел подигање на јавната свест. Здруженијата на граѓани и индивидуалните експерти се активно вклучени во локални иницијативи и заеднички напори за решавање на оваа комплексна тема.
Заедничка визија за почист воздух
Проектот, поддржан од УНДП, Шведска, МЖСПП и локалните општини, претставува холистички пристап кон справувањето со загадувањето на воздухот во Северна Македонија. Преку научни истражувања, ангажман на заедницата и конкретни мерки, УГД и УНДП поставуваат основа за почист воздух и поздрава иднина за граѓаните. Како што истакнаа Мираковски и Димова, интегралниот пристап, поддржан од сите засегнати страни, е клучен за постигнување одржливи резултати во оваа заедничка борба.
Заклучоци и препораки на Комисијата за здравство на Собранието на Република Северна Македонија