ЗНМ и УНДП: Одржана третата обука за новинари за справување со загадувањето на воздухот
мај 20, 2025

Во периодот од 15 до 17 мај 2025 година, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја реализираше третата обука на тема „Справување со загадувањето на воздухот“, која се одржа во Штип.

За време на обуката учесниците имаа можност да ги подобрат своите знаења и вештини за теми поврзани со загадување на воздухот и улогата на новинарите во борбата за почист воздух, клучните термини и разбирање на процесот на анализа на загадување на воздухот, влијание на загаденоста на воздухот врз здравјето на луѓето и животната средина и улогата на новинарите во подигнување на јавната свест, новинарство засновано на анализа на податоци за загадување на воздухот, потребата од соработка со граѓанските организации и локалната власт, техники на истражувачко новинарство при известување за загадувањето на воздухот, како и важноста на мултимедијалниот пристап при раскажување приказни за загадувањето на воздухот.

      

„Во текот на трите дена, обуката беше реализирана од страна на проф. д-р Афродита Зенделска и истакнати експерти и професори од Универзитетот Гоце Делчев, и новинарите Катерина Топалова и Александар Манасиев.

Учесниците добија ретка можност одблиску да ѕирнат во лабораториската работа зад податоците за аерозагадувањето, со посета на лабораторијата „Амбикон“. Тие се запознаа со целиот процес – од собирање примероци, преку мерење, до анализа на податоците кои стојат зад бројките што секојдневно ги гледаме во извештаите за квалитет на воздухот.

     

Но, посетата не беше само теоретска – новинарите имаа можност и сами да се вклучат во дел од постапките, водејќи разговори и поставувајќи прашања до професорите, лаборантите и асистентите кои секојдневно работат на терен и во лабораторија.

Оваа практична обука е од клучно значење, бидејќи темите поврзани со аерозагадувањето бараат сериозен и стручен пристап. Со оваа посета се направи важен чекор кон продлабочување на знаењата на новинарите, кои преку своите извештаи ја информираат и едуцираат јавноста за една од најгорливите еколошки теми во земјава.

      

За време на предавањата имаше и низа интерактивни сесии во кои се обработуваа теми како што се анализа на податоци, стратегиско информирање на јавноста и практично користење на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Преку дискусии и споделување примери, учесниците се здобија со алатки што можат да ги применат во секојдневното вршење на работата.

Особено внимание беше посветено на важноста од соработка меѓу новинарите, претставниците на граѓанскиот сектор и локалните власти. Преку размена на искуства и примери на добра практика, се отвори дијалог за унапредување на транспарентноста и отчетноста на институциите.

Работилницата понуди платформа за професионален развој, вмрежување и охрабрување на истражувачки пристап кон темите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните.

Настанот беше дел од проектот кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица, со финансиска поддршка од Шведска.

Превземено од: https://znm.org.mk/

Други содржини кои можеби ќе те интересираат