Загадувањето на воздухот во Струга: Сообраќајот како доминантен извор на загадување
ноември 14, 2024

Според најновите истражувања спроведени од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, просечната годишна концентрација на суспендирани честички (PM 2.5) во воздухот на Струга е 30 µg/m³, што е за 20 % над дозволената гранична вредност. Овие мерења беа извршени во периодот од март 2023 до април 2024 година, со користење на сертифицирани автоматски системи за земање на примероци, поставени во гимназијата „Нико Нестор“, близу центарот на градот.

Анализите се направени во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица*.

Извори на загадување во Струга

Лабораторијата АМБИКОН утврди шест главни извори на загадување, од кои сообраќајот има најголем придонес, особено во летните месеци кога придонесот е околу 15 μg/m³. Струга, како туристички град, има значително зголемување на сообраќајот во текот на летото, што придонесува за постојано загадување на воздухот.

Дополнително, согорувањето на биомаса, како што е греењето на домаќинствата, исто така има значаен удел, особено во зимските месеци. Во овој период, овој извор на загадување придонесува дури 50 % од годишната гранична вредност за концентрација на PM 2.5.

Во зимските месеци, особено во декември и февруари, се забележуваат врвови во концентрацијата на честичките, предизвикани од интензивното користење на биомаса за греење и намалената циркулација на воздухот поради слабиот ветер. Анализите покажуваат дека овие високи концентрации се поврзани со локални извори на загадување, како што се околните населби, кои се наоѓаат северно и источно од мерната станица.

Во пролетните и летните месеци, концентрацијата на честичките е помалку варијабилна, но останува над дозволената граница. Горењето на отпад и оган на отворено во овој период дополнително придонесува за загадувањето.

Хемиски состав на честичките

Хемиската анализа на земените примероци покажува дека честичките содржат елементи како јаглерод, сулфати, нитрати и амониум, што дополнително ја потврдува разноликоста на изворите на загадување. Сообраќајот, согорувањето на нафта и мазут, како и минералната прашина, имаат свој удел во влошувањето на квалитетот на воздухот во Струга.

Сообраќајот е најголемиот извор на загадување во Струга, особено изразен во летните месеци, додека согорувањето на биомаса е доминантен извор во зимските месеци. Мерењата и анализите покажуваат дека загадувањето е локално и дека е потребна континуирана контрола и намалување на емисиите од овие извори за да се подобри квалитетот на воздухот и здравјето на населението.

Линк до информативен постер

*Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат